Веќе се познати 12 учесници на новото Светско клупско првенство кое ќе се одржи во 2025 година во САД (Фото)

Новото Светско клупско првенство кое го воведе ФИФА со 32 екипи своето прво издание ќе го има во 2025 година во САД, како генерална проба за Светското првенство за репрезентации кое ќе се одржи една година подоцна во САД, Канада и Мексико.

Според правилата, веќе се познати дури 12 екипи кои ќе настапат, а останува да се пополнат уште 20 слободни места.

Европа ќе има најмногу претставници, 12, и тоа победниците на Лигата на шампионите од 2021 до 2024, како и осум екипи со најголем рејтинг кои не освоиле Лига на шампиони во овој период. Тоа значи дека Челзи, Реал Мадрид и Манчестер сити веќе имаат обезбедено учество на Светското клупско првенство.

Втор континет по бројот на претставници ќе биде Јужна Америка, вкупно 6, и тоа победниците на Копа Либертадорес од 2021 до 2024 година и две екипи со најголем рејтинг. Бразилските Палмеирас и Фламенго веќе имаат обезбедено учество на натпреварувањето во САД.

Азија, Африка и Северна Америка ќе имаат по четири претставници. Победниците на најквалитетните клупски континентални натпреварувања од 2022 до 2024, како и по една најдоброрангирана екипа. Од Азија пласман имаат обезбедено Ал-Хилал (Саудиска Арабија) и Урава (Јапонија), од Африка познати се учесниците Ал-Ахли (Египет) и Видад Казабланка (Мароко), од Северна Америка тоа се Монтереј (Мексико) и Сиетл (САД).

Океанија ќе има еден претставник, и тоа најдоброрангираната екипа, а едно место ќе му припадне и на домаќинот САД.

Доколку некоја екипа освои повеќе од еден трофеј во најквалитетното клупско натпреварување, тогаш тоа место оди кај екипите со најголем рејтинг.

- Оглас -

Најнови вести