Веќе стана стандард – Јокиќ и Дончиќ со нов трипл-дабл, Србинот се израмни со Вилт Чембрлен (Фото)

Никола Јокиќ и Лука Дончиќ стандардно блескаа во натпреварите за Денвер, односно Далас во НБА-лигата и повторно забележаа трипл-дабл учиноци.

Јокиќ го играше 500-тиот меч во НБА-лигата и јубилејот го прослави со 27 поени, имаше 12 скока и 10 асистенции и e првиот кошаркар во историјата на НБА што во првите 500 натпревари имал над 9 илјади поени, повеќе од 5 илјади скока и над 3 илјади асистенции.

Јокиќ со трипл-даблот се израмни и со една голема легенда, Вилт Чембрлен.

Тие се единствените двајца кошаркари што имале трипл-дабл со 25 или повеќе поени, а на мечот на кој стигнале до таков ефект шутирале со 80 или повеќе отсто прецизност.

Јокиќ имаше шут од поле 12 од 15, што е точно 80 проценти во победата на Денвер против Бруклин со 124:104.

https://twitter.com/ESPNNBA/status/1490493465771323395?s=20&t=z4TOdGfb4KSdEBaLoAgsdA

Дончиќ забележа втор трипл-дабл по ред со 18 поени, 10 скока и 11 асистенции во победата на Далас против Атланта со 103:94.

Словенецот на 22-годишна возраст е веќе во Топ-10 на вечната листа со најмногу трипл-дабл ефекти во НБА-лигата со 45 такви учиноци.

Прекрасна кошарка одиграа и Демар де Розан и Џоел Ембид на дуелот меѓу Чикаго и Филаделфија.

Де Розан постигна 45 поени со 9 скока и 7 асистенции, но Биковите беа поразени од Филаделфија со 108:119.

Ембид блескаше кај гостите со 40 поени и 10 скока.

Останати резултати: Кливленд – Индијана 93:85, Орландо – Бостон 83:116, Хјустон – Њу Орлеанс 107:120, ЛА клиперс – Милвоки 113:137.

 

 

- Оглас -

Најнови вести