Лионел Меси во кариерата ги освои сите најзначајни индивидуални и клупски трофеи. Дури петпати ја освојуваше Златната топка, со Барселона царуваше во европски и светски рамки, но сепак кога ќе дојде време за настап во националниот дрес на Аргентина, следува разочарување.
Со капитенската лента на раката и со наведната глава, Меси во немоќ го напушти теренот во Бело Хоризонте по полуфиналето против Бразил на Копа Америка. Кариоките славеа со 2:0 и се пласираа во финалето на континенталното натпреварување.
На пет меча на Копа Америка, Меси даде само еден гол, и тоа од пенал во ремито 1:1 против Парагвај. Против Бразил, Лео имаше шанса да погоди, но неговиот удар заврши во стативата. Тоа беше шанса за израмнување на Аргентина, но и среќата беше против Аргентинците. Претходно пречката ја погоди и Серхио Агуеро.
https://twitter.com/SportCentre8/status/1146225095150489601
Статистиката од полуфиналето покажува дека Аргентина повеќе напаѓала, но Бразил од четири шута кон противничкиот гол даде два погодоци, а на крајот тоа е најважно. Гаучосите остануваат на 14 титули на Копа Америка, последната освоена во далечната 1993 година, многу пред да се појави Меси на светската сцена.