Сараево утре во Зеница игра финале на Купот на БиХ против Борац Бања Лука, но уште во центарот на вниманието околу нив е инцидентот кој се случи пред вчерашниот тренинг кога навивачи влетаа во тренинг центарот Бутмир и удирале некои играчи. Играчот Душан Хоџиќ бил мета на незадоволните фанови, па тој си замина дома во Брчко и нема намера да се врати во Сараево.
Само пет играчи биле поштедени од критики, навреди и физички напади. Македонскиот фудбалер Крсте Велкоски, кој е и капитен на Сараево, бил критикуван, но се обиде да ја смири топката.
„Се случи упад, имавме разговор со група навивачи, и го решивме тоа. Немаше ништо страшно и претерано“ – вели Велкоски кој додаде дека атмосферата во тимот не е добра, бидејќи ја загубија титулата, но имаат прилика делумно да ги поправат работите со освојување на пехарот во Купот.