Македонската фудбалска репрезентација, во која најголем дел од играчите се дел од домашното првенство, продолжува со подготовки во Абу Даби пред саботниот пријателски дуел против Саудиска Арабија.
Дарко Велковски е еден од двајцата фудбалери кои не се дел од Првата лига на Македонија и стандарден член на националниот тим, па сигурно се очекува да биде лидер на теренот в сабота.
„Околностите се малку поинакви од вообичаените на кои сме навикнати. Со некои од фудбалерите првпат сме заедно, но тренираме добро. Тест-натпреварот со Саудиска Арабија ќе биде вистински предизвик за оваа селекција. Противникот заврши прв во групата во Азија за пласман на Светското првенство и навистина ќе биде тежок натпревар, пред сè на физички план бидејќи некои од нас сè уште се адаптираат на временските услови во Абу Даби. Работиме на анализа на противникот, имаме уште неколку заеднички тренинзи и се надевам дека одлично ќе одговориме на овој предизвик. Не се сомневам дека тактички ќе бидеме на високо ниво, стручниот штаб посветува големо внимание на тој дел од нашата игра за секој натпревар. Сметам дека ќе бидеме подготвени за добар натпревар“, вели Велковски, кој очекува добар меч против учесникот на Светското првенство во Катар.