Поранешниот менаџер на Арсенал, а сега директор за глобален фудбалски развој во Светската фудбалска федерација ФИФА, Арсен Венгер, изјави дека не е во ред победниците на Лигата на Европа да обезбедуваат место во Лигата на шампионите.
Манчестер јунајтед и Тотенхем се фаворити за место во финалето на ЛЕ во оваа сезона и ако се сретнат во финалето во Билбао, за еден од нив (победникот) ќе има место во ЛШ следната сезона.
Во Премиер лигата, Јунајтед моментно е на 15-тото, а Спарси се на 16-тото место.
УЕФА ги промени своите правила во 2014 година и им овозможи на победниците на Лигата на Европа автоматски да се квалификуваат за ЛШ за следната сезона, но Венгер не се согласува со таа политика.
„Не е исправно тоа, тие автоматски треба да се квалификуваат за Лигата на Европа, но не и за Лигата на шампионите. Особено кога сте во Премиер лигата, од каде што пет тима обезбедуваат место во главната фаза. Мислам дека ова е нешто за кое УЕФА треба да размисли и да го разгледа. Од друга страна, луѓето ќе ви кажат дека за да ја одржите Лигата на Европа интересна и мотивирачка, мора да им ја дадете таа награда“, изјави Венгер.