Манчестер јунајтед ја има најлошата сезона во последните 30-тина години. Клубот кој е 20-кратен шампион на Англија е на 15-тото место на табелата, а сезонава веќе има 16 порази во 35 кола.
И покрај овие очајни резултати на домашната сцена, Манчестер јунајтед има шанса да ја заврши сезоната со трофеј, и тоа во Лигата на Европа, каде што Црвените ѓаволи се пред пласман во финалето.
Англискиот гигант со 3:0 го победи Атлетик Билбао на гости во првиот меч од полуфиналето и сега на свој терен треба само да го потврди местото во финалето, во второто по ранг натпреварување на УЕФА. Доколку Манчестер јунајтед го освои трофејот во Лигата на Европа, автоматски ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона. Тоа може да се случи и со Тотенхем, кој исто така е дел од полуфиналето во Лигата на Европа. Тотенхем е на 16-тото место во Премиер лигата.
Според легендарниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер, не би било фер екипи како што се Манчестер јунајтед или Тотемхем, со резултати какви што ги имаат оваа сезона во Премиер лигата, да играат во елитното натпреварување на УЕФА.
„Нема да биде чесно. Тие би требало да добијат место во Лигата на Европа, а не во Лигата на шампионите. Зошто? Затоа што Премиер лигата веќе има пет клуба во елитното натпреварување. Тоа е нешто за кое УЕФА ќе мора да размисли како го дозволува тоа“, вели Венгер.
Французинот знае дека трофејот во Лигата на Европа треба да донесе и дополнителен стимул за најдобриот, но, сепак, според него би било премногу да има шест клуба од една земја во Лигата на шампионите.