Венгер: Играњето без публика ќе има трајни штети врз фудбалот

Некогашниот менаџер на Арсенал, а сега човек задолжен за развој на фудбалот во ФИФА, францускиот фудбалски стручњак Арсен Венгер предупредува дека фудбалот без публика на долгорочен план не е решение, но во моментов е најдобро. Тој смета дека ако играњето без поддршка од трибините трае предолго, штетите ќе бидат трајни.

„Играњето фудбал без фанови може да биде решение само за блиска иднина, не и подалечна. Убеден сум во тоа. Не може цела сезона да се игра без гледачи. Но, за завршување на сезонава подобро да се игра вака, отколку да нема фудбал”, изјави Венгер.

Германската Бундеслига е прва од големите европски шампионати која продолжи, се разбира пред празни трибини. И останатите топ-лиги ќе го применат истиот рецепт.

Венгер е еден од луѓето во ФИФА кои одлучија да се воведат по две дополнителни измени, па максималната бројка на смени на еден 90-минутен меч да може да биде пет.

„Ова го предложивме поради една причина, календарот е пренатрупан, а играчите немаа многу време за подготовка. Многу е тешко да играш повеќе мечеви во серија без поголем број на замени”, објаснува Венгер.

- Оглас -

Најнови вести