Арсен Венгер помина 22 години како предводник на Арсенал од клупата, а и по заминувањето од клубот, останал будно да ја следи ситуацијата кај Топчиите. Францускиот стратег вели дека се плаши Арсенал да не го загуби идентитетот кој со години тој го создавал и се надева дека сегашниот стратег Микел Артета ќе ја врати препознатливата игра на теренот.
„Уште се грижам за клубот и ги гледам сите натпревари. Верувам дека постои култура и начин на кој Арсенал треба да игра на теренот. Би сакал да се почитува тоа. Се надевам дека Микел ќе го врати тој стил на игра“, вели Венгер.
Што се однесува до моменталната ситуација, Венгер имаше пофални зборови за тоа што сезонава го направи Јирген Клоп со Ливерпул.
„Клоп направи неверојатна работа во клубот кој 30 години ја чека титулата. Без разлика каква одлука ќе биде донесена околу продолжување на првенството, јасно е дека Ливерпул со 25 бода пред Манчестер сити е шампион“, додава Венгер.