Ферстапен го сруши својот рекорд и порача: Чувствувам како цела сезона да летамe

Холандскиот формула 1 возач Макс Ферстапен продолжува со неверојатната сезона која ќе биде запишана во историјата на најбрзиот спорт. На синоќешната трка во Мексико, Ферстапен стигна до 16-тата победа сезонава во која се одржаа 19 трки. Актуелниот Ф1 првак единствено не беше најбрз на три трки. На трките за Големите награди на Саудиска Арабија и на Азербејџан победи неговиот тимски колега Серхио Перес, додека во Сингапур најбрз беше Карлос Саинс од Ферари.

Претходниот рекорд за најмногу победи во една сезона беше поставен минатата сезона, исто така од Ферстапен, што значи дека Холанѓанецот го сруши сопствениот рекорд.

Синоќешната трка во Мексико ја одбележаа три моменти. Првиот момент беше на самиот старт, кога домашниот возач Перес се судри уште во првиот свиок и ја заврши трката. Потоа Данецот Кевин Магнусон имаше жестоко излетување во 34-тиот круг, по кој имаше и црвено знаме и трката беше прекината.

На крајот, трката во Мексико ќе се памети и по бројот на гледачи. Покрај патеката „Автодром Херманос Родригес“ во викенд-изданието на Ф1 беа присутни дури 400.639 гледачи. На крајот од трката, Ферстапен беше најбрз со 13,8 секунди пред Луис Хамилтон од Мерцедес, додека Шарл Леклер со Ферари заврши како трет со 23 секунди зад победникот.

„Имам чувство како да летаме. Публиката беше неверојатна, беше неверојатно. Имаме неверојатна сезона, ритамот на болидот е многу добар“, рече победникот во Мексико и актуелен Ф1 шампион, Макс Верстапен.

- Оглас -

Најнови вести