По периодот на сериозни финансиски турбуленции, Киево полека повторно го наоѓа своето место на фудбалската сцена. Клубот од Верона има солидна сезона во Серија Д, а за продолжението од сезоната добива звучно засилување што може значително да влијае врз резултатите.
Искусниот бразилски фудбалер Даглас Коста ќе го облече дресот на Киево до крајот на шампионатот и ќе биде еден од клучните адути во обидот тимот да избори повисок пласман и напредок на табелата.
По завршувањето на сезоната во Италија, Коста ќе ја продолжи кариерата во Ал-Итифак. Клубот од Обединетите Арапски Емирати оваа зима го доведе и Марио Балотели како слободен агент, а претседател на Ал-Итифак е Пјетро Латерца, кој поседува сопственички удел и во Киево. Токму таа поврзаност овозможи Бразилецот привремено да им помогне на „летечките магариња“ во борбата за промоција.
Даглас Коста пристигнува во Серија Д како слободен фудбалер, откако во септември 2025 година ја заврши својата авантура во Сиднеј.
Во својата богата кариера, офанзивниот играч за врска настапуваше за реномирани клубови како Гремио, Шахтјор Доњецк, Баерн Минхен, Јувентус, ЛА галакси и Флуминенсе, носејќи големо искуство што може да биде од непроценлива вредност за Киево.

