Расел Вестбрук и Кармело Ентони потврдија дека се договориле со Лос Анџелес лејкерс. Кај Езерците ќе се врати и центарот Двајт Хауард, па најпопуларниот клуб во НБА-лигата во претстојната сезона ќе личи на вистински собир на ѕвезди како во времето на „шоутајм“.
Критичарите велат дека Леброн си ги собра другарите околу себе за да го симне Јанис Адетокумбо од тронот. Ова се големи ѕвездени имиња, но некои од нив, според формата, се далеку од тоа што некогаш беа и тимот малку ќе личи и на кошаркарски „пензионерски дом“. Барем за публиката ќе биде интересно.
Најголемо засилување за Лејкерс во обидот да ја освои титулата е трипл-дабл машината Вестбрук. Но, историски гледано, тој е првиот МВП на НБА кој се селел три сезони по ред и затоа не се знае дали ќе остане во Лос Анџелес по завршувањето на следната сезона или пак ќе замине некаде.