Следбениците на НБА-лигата во првите денови од јули сведочеа на големи преселби, кои, пред сè, се случуваа во Западната конференција.
Во Калифорнија пристигнаа неколку ѕвезди, Ентони Дејвис и Демаркус Казинс ја задолжија опремата на Лејкерс, Кавај Ленард и Пол Џорџ го засилија градскиот ривал на Езерџиите и создадоа ново застрашувачко дуо кое ќе се бори за прва титула на Клиперс. Под лупата се реализираше преселбата на веќе ветеранот Двајт Хауард, кој е нова ѕвезда на Мемфис гризлис.
Западот, односно Голден стејт го напушти Кевин Дурант, кој за првпат во кариерата ќе игра за тим од Источната конференција. Заедно со Кајри Ирвинг, популарниот Дурантула е нов член на Бруклин нетс. Бостон го ангажираше Кемба Вокер, но се чини дека и натаму сите погледи ќе бидат свртени кон Западот.
Но, еден човек реши да направи баланс. Наводно, Расел Вестбрук по 11 години е подготвен да го напушти тимот на Оклахома и да се пресели на Флорида. Вестбрук нема ништо против да стане нов член на Мајами хит, франшизата која летово го ангажираше Џими Батлер, но има доволно средства да понуди богат договор на врвен играч.
И на Оклахома ѝ се допаѓа таа идеја. Тандерс планираат да го реконструираат ростерот откако си замина Пол Џорџ, а Вестбрук не се вклопува во нивните планови. Заедно со Батлер и Вестбрук, Мајами може да биде закана за сите екипи од најквалитетната кошаркарска лига. Иако се споменуваше можна преселба во редовите на Хјустон, Вестбрук не сака да игра во сенката на Џејмс Харден, иако порано соработуваа во Оклахома.