Кевин Дурант одигра блескав меч и беше најзаслужен за победата на неговито Хјустон против Минесота од 110:105 во еден од шесте меча кои ноќеска се одиграа во НБА лигата. Некогашниот МВП и 15-кратен ол-стар играч Дурант покажа дека и на 38 години е вистински лидер на тимот и со 39 поени беше најзаслужен за триумфот на Ракетите.
Дурант цела оваа сезона е во одличен ритам затоа што 30+ поени има постигнато на дури 14 натпревари. Против Минесота погоди шест од осум шутеви за тројка, 11 од 14 слободни фрлања, а од поле шутот му беше 11 од 18.
TR3Y BALL pic.twitter.com/pUOsZNRZAb
— Houston Rockets (@HoustonRockets) January 17, 2026
Сакраменто е во најдобар ритам откако е започната сезоната и стигна до четвртата победа по ред, овојпат над Вашингтон со 128:115. Уште во првата четвртина домашниот тим поведе со 41:22 и потоа лесно го контролираше резултатот до крајот на дуелот. Вашингтон го претрпе петиот пораз по ред.
Највозбудливо беше во Торонто каде Лос Анџелес клиперс славеше како гостин со 121:117 во меч на кој се играа дополнителни пет минути. Искусниот 36-годишен Џејмс Харден со 31 поени и 10 асистенции беше предводник на победата за тимот од Лос Анџелес.
Во останатите мечеви кои се одиграа ноќеска: Индијана – Њу Орлеанс 127:119, Филаделфија – Кливленд 115:117 и Бруклин – Чикаго 112:109.

