(Видео) Ангеловски со една измена може да го репризира победничкиот состав од Хаифа

Игор Ангеловски може да го репризира составот што го победи Израел со 1:0 во Хаифа пред две години, со една измена на десен бек, бидејќи Стефан Ристовски е повреден.

Сите останати репрезентативци кои беа стартери и како замени влегоа во игра на “Сами Офер“ стадионот во Хаифа на 2. септември во 2017 година и сега ќе патуваат за Израел, на нов меч против оваа репрезентација. Овојпат ќе се игра во Бер Шева на петти септември од 20.45 часот на “Јаков Тарнер Тото“ стадионот.

На тој меч Македонија играше во формација 4-2-3-1 со Димитриевски на голот, потоа со Стефан и Кире Ристевски како бекови и тандемот стопери Дарко Велковски и Висар Муслиу. Пред нив во средниот ред беа Стефан Спировски и Енис Барди, а за офанзива без задолжени крилата Бобан Николов и Езџан Алиоски и капитенот Горан Пандев и Илија Нетсоровски како тандем напаѓачи.

Токму капитенот Пандев го постигна победничкиот гол во 73. минута, по извонредната асистенција на Елиф Елмас, кој влезе од клупата за резерви 10 минути претходно.

Во финишот на мечот Марјан Радески го замени Несторовски, а Зајков влезе на местото на Барди. И тие двајца се во составот на нашата селекција, која ќе патува за Израел на меч од новиот квалификациски циклус, овојпат за настап на ЕП 2020 година. Во Хаифа се играше за пласман на Мундијалот во 2018 година, а и двете селекции не успеаја да се пласираат на СП.

Кај Израелците ќе има доста промени од составот што претрпе пораз од Македонија, но и многу критики од јавноста пред две години.

Селекторот им е нов, а е познатото фудбалско име и презиме, Андреас Херцог. Австриецот ќе ги нема на располагање голманот Глазер, потоа и триото од одбраната Тал Бен Хаим I, Цедек и Давиѕада. Од стартерите од средниот ред на тој меч, сега не се повикани Охана и Кабха, а ќе отсуствуваат и тогаш најопасниот за нашата одбрана Меликсон и Тал Бен Хаим II.

Тоа значи дека сега од составот што го поразивме во 2017 година може да има само тројца стартери, ако Херцог им укаже шанса на бекот Нир Битон, на играчот од средниот ред Алмог Коен и на заменик капитенот Еран Захави.

Македонија по мечот со Израел ќе патува за Рига на мегдан на Летонците со кои ќе играме на 9. септември.

- Оглас -

Најнови вести