Сопственикот на новиот италијански шампион, Наполи, Аурелио де Лаурентис, е загрижен за иднината на фудбалот. Де Лаурентис во интервју за весникот „Република“, изјави дека стравува дека видео игрите ќе ги оневозможат младите деца да го засакаат фудбалот.
„Индустријата на видео игрите е мултимионски бизнис, има доста фантастични производи кои едноставно ги одвлекуваат децата од фудбалот. Мора да се вратиме на вистинскиот пат, во спротивно, видео игрите ќе го уништат фудбалот. Поради тоа го замолив министерот за образование да размисли и да дозволи најдобрите тренери како Карло Анчелоти и Лучано Спалети, да им одржат неколку лекции на децата во основните и средните училишта за тоа колкава е вредноста на фудбалот и колку е интересно сè околу овој спорт“, изјави Де Лаурентис.
Тој смета дека еден од проблемите се и лошите стадиони во Италија, а има идеја како фудбалот да биде забава за целото семејство.
„Имаме големи проблеми со стадионите. Со неколку исклучоци, голем дел од стадионите ни се стари и теренот едвај се гледа од атлетските патеки на некои стадиони, а тука мислам на тие во Неапол и Рим. Покрај тоа, прашање е дали смееме да го однесеме целото семејство на натпревар. Доколку се прашувам јас, на денот на одигрување на натпревар, би организирал целодневна забаца со јадење и пиење и на стадионите би правел свадби“, додава Де Лаурентис.