Атланта хоукс ја одигра можеби и најдобрата партија кошарка сезонава во НБА, го победија Лос Анџелес лејкерс со 117:113, а навивачите на домашниот тим стасаа и да го поздрават Леброн Џејмс на ироничен начин. Во текот на мечот неколкупати му скандираа на предводникот на гостинскиот тим „Коби е подобар“. Секако се однесува на Коби Брајант, претходниот лидер на тимот од Ел-Еј.
Џејмс постигна трипл-дабл со комбинација од 28 поени, 16 асистенции и 11 скокови, но и тоа не беше по вкус на домашните навивачи во „Стејт Фарм“ арената во Атланта. Јанг и Колинс со по 22 поени беа предводници во само 19. победа на Хоукс во 57 меча во досегашниот дел од сезоната во НБА лигата.
Леброн со новиот трипл-дабл стаса на делба на петтото место во историјата на НБА заедно со Вилт Чембрлен, по бројот на троен ефект на вкупно 78 натпревари.
https://twitter.com/SportsCenter/status/1095497430722842626
Најлош меч во кариерата одигра Ентони Дејвис НБА ѕвезда со статус незадоволен во Њу Орлеанс пеликанс. Постигна само 3 поени, што му е најлош ефект откако настапува во најсилната лига на меч на кој играл над 20 минути. За 24 минути погоди само еднаш од 10 обиди и уфрли едно од двете слободн и фрлања. И по мечот имаше интересна изјава.
„За никаде сме. Изгледа на никого не му се игра кошарка во Њу Орлеанс. И кога против вас е тим што е екстра мотивиран ефектот е очекуван, пораз со 30 поени разлика“, изјави Дејвис.
Орландо беше разигран и го декласира Њу Орлеанс со 118:88, а најефикасен на мечот беше црногорскиот репрезентативец Никола Вучевиќ.
Резултати: Атланта – Л.А. лејкерс 117:113, Мемфис – Сан Антонио 107:108, Њу Орлеанс – Орландо 88:118, Филаделфија – Бостон 109:112, Голден стејт – Јута 115:108.