Викендов во Првата македонска фудбалска лига и кошаркарската Суперлига имаше неколку резултати кои изненадија многумина.
Честитки за екипите на Пелистер, кој во Тетово ја победи Шкендија, и за Работнички, кој славеше на гости кај Струга Трим Лум. Вакви исходи тешко дека може да се случат пред некој месец, но сега, кога на тимовите им гори под нозе, знаат да направат и чуда.
Шкендија се бори за титула, но на свој терен потклекна пред битолчани, на кои бодовите им требаат за да останат прволигаши. Работнички многумина го видоа како сигурен второлигаш покрај Шкупи, но Романтачарите се преродија периодов и имаат четири победи по ред, го напуштија претпоследното место, но уште се загрозени од директно испаѓање.
И во кошарката имаше чудни резултати, незамисливи до пред некое време. Но, кога некому му треба победа по секоја цена, може да победи и фаворит.
Последното коло од регуларниот дел во суперлигашкиот макбаскет донесе многу возбуда бидејќи неколку тимови се бореа за место во топ 6. Најдобрите три тима во лигата претрпеа порази. Лидерот ТФТ е прегазен од Тиквеш (само трети пораз на Црно-белите, првите два беа од МЗТ), МЗТ Скопје Аеродром загуби од Чаир, што исто така е сензација, а Пелистер беше совладан од Кожув.
Најголеми губитници испаднаа кумановци, кои загубија од Работнички и останаа без шанса за плејоф, па овие два тима ќе си играат меѓу себе и наскоро во разигрувањето за опстанок.

