Џон Тери мина цели 19 сезони во дресот на Челзи и еден од ретките фудбалери на Сините кои од фудбалската школа го зациментира местото во првиот тим. За тој период освои речиси сè што можеше да се освои како капитен на лондонската екипа, „Стемфорд бриџ“ го напушти со 17 трофеи и повеќе од 700 настапи, но неговата кариера можела да биде сосема различна доколку не се случела интервенцијата на Џанлука Вијали.
Поранешниот италијански фудбалер и тренер од 1998 до 2000 година беше играч-тренер на Челзи, во периодот кога Тери ја започнуваше сениорската кариера. Кога Џон имал 19 години, клубот имал прилика да го продаде во Хадерсфилд и ја прифатиле понудата за него, но Вијали вмешал прсти и тој трансфер никогаш не се реализира.
„Додека бев во Челзи во текот на мојата кариера, само два клуба се обидоа да ме ангажираат. Првиот пат се случи тоа кога имав 19 години, пристигна понуда од Хадерсфилд, која управата ја прифати, но Вијали кажа „не“ и го послушаа. За неговата интервенција доживотно сум му благодарен, дополнително тој ми овозможи да дебитирам за првиот тим. Вториот обид за ангажман беше во 2009 година. Манчестер сити штотоку почна да гради шампионски тим, а менаџерот Марк Хјуз имаше неограничен буџет. Меѓутоа во ниту еден момент не помислив да го напуштам Челзи, особено не за Сити“, истакна Тери, кој сега работи како асистент во Астон вила.
Оваа анегдота поранешниот англиски репрезентативец ја открива непосредно по убавите вести кои ги доби Џанлука Вијали, кој по вторпат победи во битката со ракот на панкреасот.