Викаше „гоооол“ и го изрешета: Поминаа 26 години од убиството на Ескобар, фудбалерот кој со живот плати затоа што си даде автогол

Андрес Ескобар ќе остане запамтен како единствениот фудбалер кој платил со својот живот и тоа само затоа што си постигна автогол. Несреќниот колумбиски репрезентативец настрада на денешен ден точно пред 26 години во родната земја. Беше убиен додека седел во својот автомобил, а како причина за убиството се наведува автоголот кој Ескобар си го даде десетина дена претходно, за време на Светското првенство во САД.

Колумбија на тој Мундијал играше со ѕвезди како што се Валдерама, Ринкон и Асприлја, но не успеа да ја помине ниту групната фаза во која за противници ги имаше САД, Романија и Швајцарија. Во првото коло Колумбија загуби од Романија со 3:1, а фудбалерите веќе почнаа да добиваат закани поради овој неуспех. Под притисок дека мора да победат против САД, Колумбија влезе во мечот од второто коло.

Наместо да победат, Колумбија загуби со 2:1, а несреќниот Ескобар си даде автогол за водство на противникот од 1:0. По мечот, Ескобар им се извини на сите фанови, но тоа очигледно не беше доволно.

По елиминацијата на Мундијалот и покрај заканите, Ескобар се врати дома. „Морам да се вратам дома и да го покажа моето лице на народот“, беше коментарот на Ескобар. Сепак, само по неколку дена беше изрешетан со куршуми додека седел во својот автомобил пред еден ноќен клуб.

Многу чудно беше дека Ескобар е убиен само поради еден несреќно постигнат автогол. Постои теорија дека мафијата загубила многу пари во обложувалниците поради поразот на Колумбија, а Ескобар го сметаа за главен виновник за неуспехот.

На погребот на Ескобар имаше околу 120.000 луѓе, а беше направен и документарец за тоа што и како се одвивало за време и по несреќниот автогол на колумбискиот репрезентативец кој на крајот плати со својот живот. Првиот, а воедно и последниот автогол во кариерата на Ескобар значеше и негово убиство. Имаше само 27 години.

 

- Оглас -

Најнови вести