Викенд за уживање – Фудбалска супер седмица со дербито „Дела Мадонина“ и меч за титула меѓу Салах и Мане

Викенд за уживање ќе имаат фудбалските фанови, а кам-бекот на Топ-5 лигите и Африканскиот куп на Нации нудат 7 одлични дерби натпревари.

Денеска во фокусот ќе биде популарното градско дерби „Дела Мадонина“ меѓу Интер и Милан.

Ривалитетот на двете екипи од Милано што играат на ист стадион, но со различни имиња е огромен.

Интер е домаќин на „Џузепе Меаца“, култен стадион, кој го менува името во „Сан Сиро“ кога Милан е домаќин.

Мечот ќе почне во 18 часот и е многу важен во битката за Скудетото. Интер е лидер во Серија А со 53 бода на 22 натпревари, а Милан е зад него заедно со Наполи, со по 49 бода од 23 меча.

Половина час подоцна ќе почне и германското дерби во Бундеслигата меѓу Баерн и Лајпциг, односно меѓу актуелниот шампиони вицешампион.

Баерн е прв со 49 бода по 20 кола, пред Борусија Дортмунд со 43. Лајпциг има 31 бод и се уште е во игра за пробив меѓу квартетот најдобри екипи во Бундеслигата, кои ќе играат во Лигата на шампионите идната сезона.

Во 21 часот ќе почне и третото дерби денеска, а во француската Лига 1 ќе играат Монако и Лион.

И тука бодовите се исклучително важни за двете екипи со вкупно 15 титули. Монако има 8, Лион ги освои сите 7 во овој милениум, а целта е да се стаса до место што гарантира настап во Лигата на шампионите.

Утре ќе има уште четири супер дерби дуели, а стартот е со германскиот меч меѓу Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен.

Ќе се игра на култниот Ветсфален, или како што сега се нарекува „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд, а повторно се очекува спектакуларен меч.

На последните 8 меѓусебни натпревари имаше најмалку по три гола на секој од нив, па се очекува традицијата да продолжи.

Од 16,15 часот на „Камп Ноу“ на Барселона ќе и гостува Атлетико Мадрид. Гостите се актуелни шампиони на Шпанија, а заедно двете екипи имаат вкупно 37 титули, Барса 26 и Атлетико 11.

Во 20 часот на Африканскиот куп на Нации за шампионската круна ќе играат Сенегал и Египет.

Главните две ѕвезди на Ливерпул, Мохамед Салах и Садио Мане ќе бидат големи ривали на терен и ќе се обидат да стасаат до тронот во Африка.

Возбудливиот викенд  ќе заврши со уште еден дерби меч во Франција меѓу Лил и Пари Сен Жермен, во недела од 20,45 часот.

ПСЖ е убедливо прв во Франција со 53 бода, десет повеќе од Марсеј со меч помалку, па Светците веројатно ќе го наследат Лил на тронот.

Домаќините немаат шанси да ја одбранат титулата заостануваат дури за 21 бод зад ПСЖ, но имаат шанси да бијат битка за место што ги носи во Лигата на шампионите.

 

- Оглас -

Најнови вести