Виљареал го победи шампионот и го потврди местото во ЛШ, Реал тешко до победа над Севиља (Видео)

Новиот шампион на Шпанија, Барселона, со пресврт загуби на домашен терен од Виљареал со 2-3. Перес ги донесе гостите во водство во четвртата минута, но Јамал во 38-мата и Лопес во 45+5-тата минута направија пресврт. Победата за Виљареал во вториот дел ја обезбедија Комесана и Бучанан.

Виљареал со оваа победа и официјално го потврди петтото место на табелата и следната сезона ќе игра во групната фаза од Лигата на шампионите.

Реал Мадрид иако имаше предност од двајца фудбалери на теренот после исклучувањата на Баде и Ромеро, сепак, многу тешко го скрши отпорот на Севиља. На крајот „кралевите“ победија со 0-2 со головите на Килијан Мбапе во 75-тата и на Џуд Белингам во 87-мата минута.

После ова коло јасно е дека Бетис следната сезона ќе игра во Лигата на Европа, а последните два учесници во евро-куповите од Шпанија ќе бидат познати во последното коло. Селта Виго е седма со 52 бода, додека по бод помалку имаат Рајо Ваљекано и Осасуна, а место во Европа ќе има само за две екипи.

Во последното коло ќе има возбудувања и во битката за опстанок, со оглед на тоа дека Легањес победи кај Лас Палмас со 0-1, а Еспањол загуби од Осасуна со 2-0, па разликата помеѓу нив е само два бода. Во последното коло, Легањес на домашен терен го пречекува „фенерџијата“ Ваљадолид, додека Еспањол игра дома против испаднатиот Лас Лапмас.

- Оглас -

Најнови вести