Вилијамс и Шај „згрмеа“, Оклахома дојде на чекор од титулата во НБА

Оклахома сити тандер поведе против Индијана пејсерс со 3-2 во финалето на НБА-лигата и дојде на чекор од првата титула во клупската историја откако се преселија во Оклахома.

Петтиот меч заврши со победа на Тандер од 120-109, а заслужни за тоа беа Џејлен Вилијамс со 40 (личен плејоф рекорд) и Шај Гилџиус-Александер со 31 поен (имаше и 10 асистенции). Уште од Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг, кога играа заедно за Кливленд, не беше видено во големо финале двајца соиграчи да имаат еден 40, друг 30+ поени.

Оклахома погоди 14 тројки, што е напредок во однос само на трите кои ги имаа на четвртиот меч.

Кај Индијана потфрли Тајрис Халибартон кој заврши со само 4 поени и не погоди ниту еден шут од поле, сите поени му беа од слободни фрлања. Тој се повреди за време на мечот, но се врати, сакаше да продолжи, сепак се виде дека не оди, па ја имаше најлошата плејоф-партија во кариерата. Ако Индијана сака да го добие шестиот меч и да се избори за мајсторка, ќе им треба здрав и расположен Хали.

- Оглас -

Најнови вести