Вилјареал е екипа која е далеку од Топ 4 во шпанското првенство и ако киксира во последните натпревари, може да се случи Жолтата подморница воопшто да не игра во европските купови за следната сезона.
За тоа колку се важни мечевите од УЕФА натпреварувањата, покажува сумата која Жолтата подморница ќе ја заработи за настапите во Лигата на шампионите оваа сезона. Вилјареал синоќа беше елиминиран во полуфиналето од елитното натпреварување, а шпанските медиуми пресметаа дека во клупската каса ќе се слеат 57,6 милиони евра само од бонусите на УЕФА.
На шпанскиот тим му беа гарантирани 15,6 милиони евра за настап во групната фаза, а 9,3 милиони евра беа заработени со трите победи и едното реми. За настап во осминафиналето добија 9,6 милиони евра, а 10,6 милиони евра следуваа за пласман во четвртфиналето. Со обезбедување место во полуфиналето, Вилјареал доби дополнителни 12,5 милиони евра, па вкупната сума е 57,6 милиони евра, што е рекордна заработка за клубот во една сезона во Европа.
Освен парите добиени од УЕФА, Вилјареал заработи уште многу милиони од продадените билети и маркетинг-правата.