Винисиус Жуниор, напаѓачот на Реал Мадрид, смета дека навивачите кои се прогласени за виновни за расистичко однесување треба да добијат доживотна забрана за присуство на фудбалски натпревари.
„Ако повредувате други луѓе, мора да платите. Сите расисти треба да платат на некој начин. Ако сакаат да гледаат фудбал, никогаш повеќе не треба да им се дозволи да стапнат на стадион. Тоа ќе ги натера да се соочат со последиците и да размислат за нивните постапки“, рече Винисиус Жуниор.
Фудбалерот на кралскиот клуб самиот беше жртва на навреди од трибините, минатиот месец навивачите на Атлетико Мадрид за време на дербито со Реал извикувале: „Винисиус, умри“.
Атлетико Мадрид и Ла го осудија однесувањето на навивачите на Јорганџиите, клубот соопшти дека соработуваат со властите за да ги идентификуваат навивачите, а се вклучи и шпанското обвинителство, кое отвори истрага за случајот.
Винисиус беше навредуван и од претседателот на Здружението на шпански фудбалски агенти, Педро Кастро, кој во една ТВ-емисија жестоко го критикуваше неговиот начин на прославување на головите. Имено, Бразилецот постигнувањето на гол го прославува со танц.
„Ако постигнете гол и потоа танцувате самба, одете на Самбодром. На теренот треба да ги почитувате колегите и да престанете да се однесувате како мајмун“, изјави Кастро во емисијата.
Винисиус потоа објави емотивна видеоизјава како одговор на, како што ја нарече, „ксенофобична и расистичка“ навреда велејќи дека нема да престане да танцува и дека среќата на црниот Бразилец да биде успешен во Европа мачи многу луѓе.
Винисиус тогаш доби поддршка од најголемите бразилски фудбалски ѕвезди, поранешната ѕвезда Пеле и сегашната Нејмар.