Со враќањето на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид, од Кралевите се очекува повторно да бидат доминантни на сите фронтови во кои ќе се борат стартувајќи од следната сезона. Она што тој го направи во првиот мандат како тренер на Реал, доволно говори за каков стратег се работи, а, секако, не треба да се заборави дека беше мајстор и со топката.
Винисиус јуниор проговори какво е чувството да се тренира под палката на Зидан, иако досега тој не доби прилика да настапи откако се врати Зидан поради повреда на зглобот.
„Кога човек со таква фудбалска кариера ти е тренер и зборува, не преостанува ништо друго освен да слушаш. Зидан е вистинска легенда, имам толку голем респект кон него што уште ме фаќа трема пред да разговарам со него. Нервозен сум и кога сакам да го прашам нешто“, истакна Винисиус.
Реал Мадрид вечерва гостува кај Леганес во рамките од 32-то коло во Ла Лига, а покрај младиот Бразилец, нема да настапат ниту капитенот Рамос, Куртоа и Крос поради повреди, додека Зидан одлучи да не ги вклучи во составот Брахим Дијас, Маријано и Регилон.