Винисиус јуниор и Чаби Алонсо се на тенок мраз и доколку ситуацијата не се промени, Бразилецот нема да потпише нов договор. Оваа вест денес ја објавија доверливи мадридски извори, кои тврдат дека Винисиус му порачал на својот агент дека сака статус на „недопирлив“ и дека ќе одбие да потпише нов договор доколку Чаби Алонсо не го промени своето однесување.
Целиот свет виде како Винисиус бурно реагираше по замената во 72-рата минута од Ел Класико, а читачите на усни откриле дека во афект извикал: „Најдобро е да си заминам одовде.“
Страстите сè уште не се смириле, иако Реал Мадрид одлучи да не презема никакви мерки или санкции, туку да ја реши ситуацијата внатре во клубот, без да ја изнесува во јавноста. Сепак, изгледа дека темпераментот на Винисиус нема да прифати вакви одлуки на Чаби Алонсо, кој го повлекува од игра додека тој сè уште „гори“ на теренот.
Очигледно е дека Чаби Алонсо нема намера да се откаже од своите идеи и нема да дозволи никој да му го нарушува авторитетот, дури ни играч како Винисиус јуниор, кој е меѓу најдобрите во светот.
Не треба да се заборави дека Винисиус има договор до летото 2027 година, што значи дека по оваа сезона ќе влезе во претпоследната година, а 2026 ќе биде последната можност Флорентино Перес да заработи од негов продажен трансфер.
Некои извори пишуваат дека Реал Мадрид нема да може да добие повеќе од 100 милиони евра за неговиот потпис во летото 2026 доколку не потпише нов договор, што во моментов изгледа малку веројатно.
Ситуацијата будно ја следат клубовите од Саудиска Арабија, кои беа подготвени да издвојат и милијарда евра за да го доведат во својот шампионат, а секако дека тука се и Пари Сен Жермен и англиските премиерлигаши, кои би можеле да го издржат финансискиот товар за ангажман на Бразилецот.

