Реал Мадрид триумфираше со минимални 1-0 на гостувањето кај Севилја во дербито на 12-тото во Ла Лига. Кралскиот клуб со идентичен исход вторпат во низа го напушта „Рамон Санчес Писхуан“ по ланската победа од 1-0 која ја донесе Бензема, а вечерва Винисиус жуниор ги реши дилемите.
Зинедин Зидан успешно го помина првиот дел од ултиматумот, да обезбеди три бода во Андалузија, по што на Кралскиот клуб му следува борбата со Менхенгладбах за пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите.
Младиот бразилски офанзивец мораше да се оддолжи за промашувањата од првиот дел, неговиот гол во 55-тата минута беше решавачки во дербито.
Домаќините до крајот се обидуваа да израмнат, златна шанса имаше Окампос во финишот да погоди за 1-1 со фантастична изведба на атрактивни ножички, меѓутоа Куртоа уште подобро интервенираше.
Реал воедно ја прекина мини-кризата од три меча без триумф во Ла Лига, па сега е на третото место со 20 бода, додека Севилја остана на 16 бода.