Винисиус јуниор долго време беше цел на шпекулации околу неговата иднина, но сега е јасно дека тој ќе остане во Реал Мадрид.
Бразилецот ја стекна својата слава токму во Реал Мадрид, а во последно време се зборуваше за можен трансфер. Иако има договор до 2027 година, се појавија информации дека би можело да го напушти клубот ова лето.
Манчестер јунајтед, како и други големи клубови, беа споменати како потенцијални дестинации, а нивните менаџери беа во контакти и со Манчестер сити, Арсенал, Челзи, Ливерпул, ПСЖ и Баерн Минхен.
„Кога ќе дојде вистинското време, ќе го продолжам договорот со Реал и ќе останам тука уште долго. Реал Мадрид е клубот на моите соништа. Имам уште една година од договорот, но мирен сум околу преговорите и имам доверба во претседателот Флорентино Перес. Имам посебна врска со тренерот Алваро Арбелоа како што имав и со Карло Анчелоти. Тренерот секогаш ми зборува што очекува од мене, а јас давам сè од себе и ќе продолжам така“, изјави Винисиус јуниор.
Со ова Бразилецот ги отфрли сите дилеми околу неговата иднина и потврди дека ќе остане во Реал. Сега клубот го очекува двомеч со Баерн Минхен во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Покрај тоа, Винисиус ќе мора да биде подготвен и за Светското првенство што годинава ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, каде што Бразил се наоѓа во група заедно со Мароко, Хаити и со Шкотска.

