Реал Мадрид во реваншот против Манчестер сити ќе мора да брка негативен резултат од 1-2, што значи дека без два гола на „Етихад“, Кралевите ќе мора да се простат од Лигата на шампионите. Вчера на „Сантијаго Бернабеу“ избраниците на Зидан беа во предност сè до 78-та минута, а само за пет минути го загубија мечот откако Де Бројне реализира пенал во 83-тата минута.
Винисиус јуниор по дуелот истакна дека не е задоволен од судењето, но и дека Реал секогаш трпел лоши судиски одлуки и тоа нема да се смени во иднина.
„Ние не сме екипа која лесно губи физички дуели. Јасно беше дека Жесус направи фаул при првиот гол, сите го знаат тоа. Имаше и една ситуација од првиот дел меѓу мене и Марез, а ВАР не сакаше да проверува. Уште на теренот видов дека е фаул, не треба да гледам снимки за да се уверам во тоа. Ние сме тим со најмногу титули во Лигата на шампионите и лошите судиски одлуки секогаш ќе ни пркосат“, истакна Винисиус.
Поразот од Сити доаѓа во критичен период за Кралевите, ако се знае дека во недела ги очекува „Ел Класико“ на домашен терен против Барселона, дуел кој се окарактеризира како битка за титулата во Шпанија, а тимот на Зидан е во серија од два порази бидејќи минатиот викенд загуби и на гостувањето кај Леванте.