Повредата на Еден Азар му даде шанса на Винисиус да се наметне како редовен стартер во Реал Мадрид, но младиот бразилски фудбалер не се снаоѓа најдобро, и не се знае дали попладнево ќе биде во почетниот состав против Хетафе. Најголемите замерки за него се дека има проблем со реализацијата и не постигнува голови од чисти шанси.
Винисиус е свесен дека играњето за Реал носи и голем притисок. Неговиот сонародник Марсело кој повеќе од десет години е во клубот, му рекол дека мора постојано да се докажува, бидејќи еден ден може да те нарекуваат Пеле, а следниот да бидеш на клупата за резерви.
„Марсело ме предупреди дека тука нема средина. Може да те нарекуваат Пеле, а потоа да те критикуваат дека ништо не играш и да бидеш резерва. Делувам смирено, но од внатре сум нервозен. Кога дебитирав за Фламенго, бев умрен од страв, не сакав да ја допрам топката. Работите ќе си дојдат по природен пат“ – вели Винисиус.
Денеска во Реал имаат и два јубилеи. Зинедин Зидан пред точно четири години првпат стана тренер на клубот со кој освои три европски титули по ред, а Тони Крос има роденден и наполни 30 години.