Иднината на Винисиус јуниор во Реал Мадрид повторно е во фокусот на вниманието на шпанските медиуми. По долгите преговори кои беа стопирани пред неколку недели, вчера стигнаа информации дека разговорите меѓу агентите на Бразилецот и управата на клубот повторно се активирани со надеж за компромис околу нов договор.
Сепак, состанокот донел јасна порака – Реал нема намера да го менува своето понудено решение. Главната разлика меѓу двете страни е во финансискиот дел. Винисиус инсистира на значително зголемување на платата, која би се израмнила со онаа на Килијан Мбапе, најскапоплатениот фудбалер во тимот. Но, агентот добил цврст одговор дека тоа не е возможно.
И покрај несогласувањата, од Кралскиот клуб ја нагласиле важноста на Винисиус за тимот на Чаби Алонсо. Сепак, од стартот на сезоната, позицијата на бразилскиот офанзивец е поразлична – во два од шест натпревари остана на клупата, што дополнително ја зголемува тензијата околу неговиот статус.
Тековниот договор на Винисиус јуниор е со важност до летото 2027 година, но останува неизвесно дали двете страни ќе успеат да најдат заеднички јазик и да ја надминат оваа криза во преговорите.