По ангажманот на Флоријан Вирц, Ливерпул тргнува и по Александер Исак, напаѓачот на Њукасл. Од Островот денеска пристигнуваат бомбастични информации дека Ливерпул е подготвен да го „одврзе ќесето“ и да плати 100 милиони фунти, односно 117 милиони евра фиксно за шведскиот напаѓач, плус бројни бонуси, со што можно е дури и да биде надминат трансферот на Флоријан Вирц.
Германецот пристигнува на „Енфилд“ од Баер Леверкузен за сума од 136 милиони евра, а се очекува неговиот трансфер да биде официјализиран до крајот на неделата.
Но, Ливерпул зад кулисите веќе интензивно работи и на доаѓањето на Александер Исак, кој е подготвен да го напушти Њукасл и покрај обезбедениот пласман во Лигата на шампионите.
Медиумите на Островот наведуваат дека желбата на Исак да замине може да биде клучна и да го натера Њукасл да седне на преговарачка маса, секако, само во случај на астрономска понуда, каква што Ливерпул е подготвен да испрати.
Звучи неверојатно дека Ливерпул во едно лето е подготвен да плати два трансфера вредни повеќе од 100 милиони евра, а притоа и за бековскиот тандем Керкез-Фримпонг да издвои уште околу 80 милиони евра.
Ако Ливерпул навистина го реализира овој квартет за вкупна сума блиску до 350 милиони евра (со сите најавени бонуси), тогаш без дилема ова би било не само најдобро лето во историјата на Црвените, туку и во историјата на англискиот и европскиот фудбал.