Кошаркарите на Виртус Болоња славеа во највозбудливиот натпревар во 17-тото коло во Евролигата. Во пеколот во „Штарк арената“ во Белград го совладаа Партизан со 75:77. Со триумфот, Виртус Болоња ја прекина и серијата на Партизан од шест победи по ред на домашен терен.
Црно-белите ги постигнаа првите поени на мечот преку Понитка и тоа беше единствено водство за домашниот тим, во останиот дел од мечот резултатот го контролираа гостите.
Виртус во третата четвртина дојде предност од 13 поени (36:49), но Црно-белите успеаја да се вратат и да се изборат за неизвесна завршница. По тројката на Франк Камински на четири минути до крајот, Партизан дојде до минус еден (68:69). Но, во следните две и пол минути, Црно-белите не успеаја да постигнат поени и Виртус се одлепи на 68:73.
Партизан со поени на Нанели и Ледеј повторно дојде до минус еден, по што во последната минута се влезе во пенал-завршница во која предност имаа гостите. Последниот напад го имаа Црно-белите, но Камински не беше прецизен за три поени и Виртус ја забележа 12-тата победа и сега е осамен на второто место на табелата, додека Партизан со поразот падна на десеттото место со учинок од девет победи и осум порази.
Лундберг со 16 поени беше најдобар кај Вистус Болоња, додека во редовите на Партизан, Џејмс Нанели даде 19 поени.
Интересен натпревар одиграа и Анадолу Ефес и Фенербахче во истанбулската пресметка на која славеа гостите со 84:89, и тоа благодарение на подобрата игра во одлучувачките моменти. На три минути до крајот, Анадолу Ефес по поените на Отуру успеа да израмни на 82:82, но потоа до последните моменти од мечот не успеа да погоди. Тоа го искористија играчите на Фенербахче со серија од 0:7 да дојдат до 82:89 и да ја заверат победата.
Најџел Хејс-Дејвис со 24 поени беше најдобар кај Фенербахче, кој сега има учинок 10-7, додека во редовите на Анадолу Ефес блескаше Шејн Ларкин со 28 поени, но освен Отуру, кој даде 19 поени, немаше други расположени соиграчи.