Оваа фудбалска 2020 година е атипична, пандемијата направи многу проблеми со календарот, се играше и во август, новата сезона почна брзо, потоа играчите немаа време за класични подготовки и есенва почнува да ги вади на виделина проблемите кои го донесоа ова. Згуснатиот календар прави многу проблеми, играчите се преморени и често се повредуваат.
Играњето клупски и репрезентативни мечеви на секои три дена го зеде данокот. Ни правилото за пет измени на еден натпревар не е од голема помош за клубовите и националните тимови.
Баерн Минхен во Бундеслигата тргна неполни 30 дена по освојувањето на европската титула, ПСЖ одмори само 20 дена, а оние лиги кои почнаа малку подоцна, сега немаат простор за слободни термини. Фудбалерите имаат лигашки мечеви, куп-мечеви, европски мечеви, натпревари со своите репрезентации и постојано се на патувања или играат.
Заразените од ковид-19 само ја влошуваат ситуацијата. Жртви на овој календар не се само најголемите. И македонската репрезентација поради разни причини не можеше да смета на Димитриевски, Барди, Крсте Велкоски, Ристевски, Адеми, Елмас, Пандев, Алиоски, а вечерва се повредија и Ристовски и Стојановски.
Повредите се множат, но фудбалот нема да запре. Реал Мадрид и Барселона од 21 ноември до 23 декември може да одиграат дури по 10 меча, и сето тоа откако нивните играчи играа за своите селекции.
„Луѓето се чудат зошто има толку многу повреди, но едноставен е одговорот. Има премногу мечеви, невозможно е да се одморите. Оваа година е многу чудна. Јас лично имав само осум слободни дена, немавме нормални подготовки, а календарот е луд“, напиша Хрватот Дејан Ловрен на „Твитер“.