По појавувањето на Коронавирусот, фудбалот едноставно замре. Нема мечеви, нема публика, нема тренинзи, нема ништо. Клубовите се плашат дека може да пропаднат, фудбалерите мора да се согласуваат на намалување на платите. Според многумина, по завршувањето на пандемијата со опасниот вирус, цените на фудбалерите драстично ќе паднат и нема да има вртоглави трансфери како досега.
Според најновите информации на Трансфермаркет, сајт кој се занимава со вредноста на фудбалерите, веќе има драстичен пад во цените поради Коронавирусот.
Роналдо пред четири месеци вредеше 75 милиони евра, а сега неговата цена се проценува на 60 милиони евра. Толку мала вредност Португалецот немал уште од времето кога играше за Манчестер јунајтед. Во 2008 година било проценето дека вреди 60 милиони евра, а во наредните 12 години, неговата цена секогаш била многу поголема.
Падот од 15 милиони евра на Роналдо само за четири месеци нема никаква фудбалска логика ако се знае дека тој имаше одлична сезона и даде 25 гола за Јувентус. Сепак, пандемијата го направи своето, па затоа Роналдо сега вреди 60 милиони евра.
Пад на вредноста има и кај сите останати фудбалски ѕвезди. Двајцата најдобри фудбалери на Пари Сен Жермен, Нејмар и Килјан Мбапе се со најголема вредност, но факт е дека и тие претрпеа пад. Бразилецот се проценуваше на 160 милиони евра, а сега неговата цена е 128 милиони евра, односно 32 милиони евра помалку. Мбапе вредеше 200 милиони евра, а сега неговата вредност е 180 милиони евра, што значи дека има пад за 20 милиони евра.
Лионел Меси има пад од 28 милиони евра,затоа што пред неколку месеци неговата цена беше 140 милиони евра, а сега се проценува дека вреди 112 милиони евра. Од големите фудбалски имиња, најголем пад претрпе Еден Азар. Ѕвездата на Реал Мадрид се проценуваше на 120 милиони евра, а сега има пад дури од 40 милиони евра. Причина за намалување дури на 40 милиони евра е фактот дека покрај Коронавирусот, Азар во Реал игра под очекувањата и често е повреден.