20.8 C
Skopje
среда, 3 септември 2025

Витесе „оживеа“, вратена му е професионалната лиценца

Само еден месец откако му беше одземена професионалната лиценца, Витесе, повторно се врати во редовите на професионалните клубови во Холандија.

Апелациониот суд во Арнхем-Леуардeн ја укина одлуката на Лиценцната комисија и Жалбениот одбор на КНВБ, наложувајќи на Федерацијата веднаш да го врати клубот во системот на професионалните натпреварувања.

Во образложението беше наведено дека претходната одлука била донесена „под голем временски притисок и без доволна внимателност“, и дека со оглед на тоа што станува збор за најтешка можна казна за еден клуб, требало да се направи подлабока анализа.

Со оваа одлука, Витесе повторно ќе настапува во Втората лига, иако сезоната веќе започна и се одиграни четири кола. Последиците од еден месец надвор од професионалниот фудбал веќе се чувствуваат – дел од фудбалерите си заминаа без обештетување, а во управата беа направени сериозни промени.

Нови инвеститори од Арнхем, предводени од група локални бизнисмени, најавуваат стабилизација и долгорочна визија.


„Целосно сме посветени на Витесе. Првиот чекор е дијалог со КНВБ за да обезбедиме во иднина да се носат исправни одлуки“, изјави Мишел Шај, претседател на инвеститорската група.

Во јули КНВБ обвини дека клубот има долгови од околу 14 милиони евра и дека повеќепати ги игнорирал можностите да ја подобри финансиската состојба, поради што му беше одземена лиценцата. Тогаш единствената опција беше Витесе да се врати на аматерско ниво или целосно да згасне.

Клубот, основан уште во 1892 година, е еден од најстарите во Холандија и има богата традиција – четири пати завршувал како вицешампион, но никогаш не ја освоил титулата во домашното првенство.

- Оглас -

Најнови вести