Селекторот на машката сениорска кошаркарска репрезентацијата, Јорданчо Давитков, го соопшти скратениот список на кошаркари повикани за репрезентативните активности кои претстојат кон крајот на ноември и почетокот на декември. Новина е враќањето на Шејн Витингтон како замена за Ричард Хендрикс.
Репрезентацијата по победите над Косово на гости и Романија дома, засега е во одлична позиција во втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2021, а третиот натпревар, против Косово на втори декември во Гевгелија, може да биде и решавачки.
Сениорите ќе одржат краток собир во Скопје (првиот собир закажан за 28-ми ноември, во 20 часот, во „Јане Сандански“), а потоа ќе заминат за Гевгелија, каде што ќе продолжат со тренинзи до одигрување на натпреварот.
На списокот на кандидати се наоѓаат: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Адем Мекиќ, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Марко Симоновски, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко и Шејн Витингтон.