Шејн Витингтон, кој настапува за Реал Бетис во шпанското првенство, во овие февруарски мечеви со Естонија дома и со Русија на гости ќе биде натурализираниот кошаркар кој ќе му помогне на македонскиот национален тим. Крилниот центар се познава со поголем дел од репрезентативните колеги, играше и во претходниот циклус претквалификации, а новина му е селекторот, но не очекува никакви пречки.
„Очекувам да играме добро на овие мечеви, очекувам тимот да биде обединет, слушнав добри работи. Имаме неколку измени, треба да се види како ќе реагираме на тие измени. Лично, мило ми е што повторно сум тука помеѓу моите македонски браќа. Не сум разговарал со селекторот, но и тоа ќе се случи. Сакам да слушнам што очекува од мене, да бидеме на иста бранова должина. Не сум себичен, нема да правам себични работи, нема да има такви работи и од соиграчите. Мислам дека ќе имаме добра комуникација“, вели Витингтон.