Шејн Витингтон, кој може да игра како крилен центар и центар, ќе биде големо засилување за екипата на Мовистар Естудијантес од Мадрид, велат тренерот и раководството на клубот кој го ангажираше американскиот Македонец.
Витингтон ја напушти Морабанк Андора и се пресели во Естудијантес, каде што веднаш почна со тренинзи со новиот клуб за којшто ќе игра до крајот на сезонава во шпанската лига. Тој беше претставен пред јавноста и во новата средина ќе го носи дресот со бројот 32.
„Се чувствувам како дома“, кратко порача Витингтон, кој би можел да дебитира веќе задутре, и тоа на гости против Андора, екипата чиј член беше до вчера.
Сепак, дали тренерот Берокал ќе му даде минутажа и колкава, со оглед на тоа дека многу кратко е во новата средина и не е прилагоден, останува да се види. Најпознати соиграчи на Витингтон во Естудијантес се Омар Кук, Алесандро Џентиле, Горан Сутон, Никола Јанковиќ и Ник Кејнер-Медли. Тимот е претпоследен на табелата со скор 3-9.