Оваа година ќе се одржи 20-тото јубилејно издание на најпознатата и најмасовна атлетска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон. Настанот е закажан за шести октомври, а пријавувањето започна уште во март и ќе трае до 20 септември.
Организаторите се пофалија дека заинтересираноста е огромна и досега пријавени се учесници од 44 земји. Вториот бран на пријавување и плаќање котизација е веќе во тек и ќе трае до 25 јули, а ден потоа цените за учество се менуваат.
„Трката има ограничен број учесници и доколку се пополни предвидениот број учесници, пријавувањето може да се затвори. Затоа доколку сакате да бидете дел од најдобрата маратонска приказна Виз Ер Скопски маратон, искористете го вториот бран на пријавување“, велат од организацијата на Виз Ер Скопски маратон.
Учесниците ќе можат да се пријават на маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – ЕУ за спорт и трката на 5км. За повеќе информации поврзани со условите за учество, посетете ја официјалната страница на Виз Ер Скопски маратон на следниот линк: – http://skopskimaraton.com.mk/uslovizaucestvo.
Трката има сертификат од Асоцијацијата за улични трки (AIMS) и се одвива според правила на Светска атлетика (WA) и АФСМ.
Организатор на Виз Ер Скопски маратон е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со АК „Работнички”и АК „Скопски маратон”, додека покровители на трката се Град Скопје, Делегација на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.
Секој учесник што ќе стартува на Виз Ер Скопски маратон ќе добие вредносен ваучер од 20 ЕУР од насловниот спонзор на трката, Виз Ер.