Фудбалерите на Јувентус имаа успешен старт на новата сезона во Серија А, откако на домашен терен славеа со 2-0 над Парма. Иако победата на „старата дама“ изгледа убедлива, сепак избраниците на Игор Тудор мораа прописно да се помачат за да дојдат до неа.
Џонатан Дејвид во 59-тата минута погоди за водство од 1-0, а Душан Влаховиќ во 84-тата минута ги постави конечните 2-0. Само една минута пред голот на Србинот, Јувентус остана со фудбалер помалку, откако беше исклучен Андреа Камбијасо.
Веќе подолго се шпекулира дека Јувентус ќе го продаде Душан Влаховиќ летово, но Србинот доби шанса да се најде на теренот во 80-тата минута, а само четири минути подоцна и погоди, со што уште еднаш ги покажа своите квалитети, но и испрати порака до екипите кои имаат интерес за негово купување.
Ако „старата дама“ ја оправда фаворитската улога, тоа не беше случај со екипата на Аталанта. Пиза успеа да извлече бод од гостувањето во Бергамо, откако одигра 1-1.