Душан Влаховиќ најверојатно ќе го напушти Јувентус во летниот преоден рок и ќе побара нов клуб. Иако се пишуваше дека кариерата ќе ја продолжи во некоја од најсилните европски лиги, турските медиуми јавуваат дека досега не добил задоволувачка понуда и дека би можело да пристигне во Фенербахче.
Се додава и дека првата средба во преговорите е веќе одржана.
Спортскиот директор на Фенербахче, Марио Бранко, наводно се сретнал со претставници на српскиот репрезентативец и раководството на Јувентус. Се тврди дека за истата тема разговарале и Влаховиќ, и тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, и капитенот на тимот, Душан Тадиќ.
Влаховиќ пристигна во Јувентус во јануари 2022 година во трансфер вреден 83,5 милиони евра. Торинскиот клуб го доведе од Фиорентина како гаранција за голови, а тој постигна 55 на 140 одиграни натпревари. Оваа сезона во Серија А има постигнато девет голови на 26 настапи.
Италијанските медиуми пишуваат дека Јувентус е подготвен да прифати понуда од околу 40 милиони евра за Влаховиќ. Клубот реши да го продаде откако напаѓачот одби да го продолжи договорот, кој важи до крајот на следната сезона.