Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ најверојатно ќе го напушти Јувентус, а Манчестер јунајтед се наоѓа меѓу главните кандидати за неговиот потпис, пренесуваат италијанските медиуми.
Според „Калчомеркато“, клубот од Торино е подготвен да го продаде Влаховиќ за околу 30 милиони евра – значително помалку од сумата што првично ја бараа. Причината за намалената цена е и фактот што договорот на 25-годишниот напаѓач истекува во летото 2026 година, па Јуве не сака да ризикува да остане без обештетување.
Црвените ѓаволи, кои се наоѓаат во сериозна криза и моментално се 14-ти на табелата во Премиер лигата, имаат големи проблеми со ефикасноста – постигнаа само 38 гола во 32 натпревари. За споредба, Тотенхем има постигнато 60, а Вулверхемптон 47.
Во последните две години Манчестер јунајтед се обиде со млади напаѓачи како Расмус Хојлунд и Џошуа Зиркзе, но тие не ги исполнија очекувањата, заедно имаат само 15 гола во сите натпреварувања. Дополнително, повредата на Зиркзе и можното заминување на Хојлунд, кого го бараат неколку клубови од Серија А, може да создадат простор за ново засилување во нападот.
На „Олд Трафорд“ дури размислуваат да го пратат Хојлунд на позајмица, со надеж дека ќе се развие подобро на друго место.
Покрај Манчестер јунајтед, интерес за Влаховиќ покажуваат и Барселона и Њукасл. Во случај на преговори со Чавките, можна е и вклученост на Сандро Тонали во зделката доколку одлучи да се врати од Англија.
Влаховиќ и претходно беше цел на англиски клубови, додека беше во Фиорентина, Арсенал силно се интересираше за него. Тогаш се споменуваа суми од над 60 милиони фунти, но сега неговата пазарна вредност е околу 45 милиони евра. Сепак, Јувентус е подготвен да го пушти за помалку, што може да го направи привлечна опција за клубови во потрага по проверен голгетер.