Српскиот голгетер Душан Влаховиќ планира трансфер што ќе одекне низ фудбалска Италија – од Јувентус директно во големиот ривал Милан. Според италијанските медиуми, Влаховиќ дал зелено светло за премин на „Сан Сиро“, каде што би се приклучил на проектот на Макс Алегри, кој повторно седна на клупата на Росонерите. Ако трансферот се реализира, тоа ќе биде ново големо „предавство“ во Серија А.
Алегри, кој со Влаховиќ има заедничка историја од времето во Јувентус исполнета и со подеми и со падови, сега сака повторно да го види во својот напад. Во прв момент трансферот изгледаше малку веројатен, но ситуацијата се менува затоа што српскиот напаѓач е отворен за ваков потег.
Јувентус не го вклучува Влаховиќ во своите идни планови, а и самиот клуб е заинтересиран да се ослободи од неговата висока плата од 12 милиони евра годишно. Трансферната сума изнесува околу 30 милиони евра, што не е недостижна сума за Милан. Сепак, пречка се личните финансиски барања на Влаховиќ и се бара начин за компромис, можеби и намалување на платата.
Иако имаше астрономски понуди од Саудиска Арабија, со договори од над 20 милиони евра по сезона, 25-годишниот напаѓач ги одби сите. Не сака да го напушти европскиот фудбал во најдобрите години од кариерата, ниту пак да се пресели во Фенербахче, и покрај богатата понуда од гигантот од Истанбул.