Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на седница на Управен одбор го назначи Влатко Колев за селектор на младата репрезентација на Македонија до 17 години. Со прифаќањето на функцијата, Колев ја завршува својата работа како тренер во ФК Вардар, а вниманието ќе го насочи кон изградба на конкурентен национален тим пред претстојните квалификации во октомври.
Влатко Колев е тренер со Про-лиценца. Речиси две децении работи во младинскиот клупски фудбал, во домашните Вардар, Работнички и Металург, а двапати е прогласуван за тренер на годината во млади категории. Последниот ангажман го имаше во стручниот штаб на Вардар, како еден од помошниците на Гоце Седлоски.
„Сакам да им се заблагодарам на ФФМ и на претседателот Омерагиќ за укажаната доверба. За мене е чест и предизвик што добивам прилика да бидам предводник на репрезентацијата до 17 години. Повеќе од две децении сум вклучен во работата со младинските категории во нашиот клупски фудбал и гледам позитивно на новиот предизвик“, вели Колев за сајтот на ФФМ.
Поранешниот фудбалер од шампионските генерации на Вардар и Силекс вели дека генерацијата 2009 е надежна, очекува мотивираност и посветеност од фудбалерите на натпреварите кои ни следуваат.
„Се работи за надежна генерација фудбалери кои внимателно ги следам и добро ги познавам. Веќе во октомври не очекува квалификациски турнир за Елитната фаза и наш приоритет ќе биде да изградиме конкурентен тим кој ќе биде подготвен за претстојниот турнир, на кој ќе влеземе максимално мотивирани и посветени. Со прифаќањето на селекторската функција, завршува мојата активност како тренер во ФК Вардар. На клубот му посакувам многу успех во иднина. Моето целосно внимание и енергија ќе бидат насочени кон репрезентацијата“, додава Колев.
Македонија до 17 години на 16 и на 18 септември во Струмица ќе одигра два контролни натпревари против Кипар. Веќе во октомври следува квалификацискиот турнир за пласман во Елитната фаза квалификации за ЕП. Противници на турнирот на кои сме домаќини ќе ни бидат Унгарија (08. октомври), Чешка (11. октомври) и Гибралтар (14. октомври).