Реал Мадрид минимално со 1:0 го победи Хетафе на гостински терен во меч од деветото коло на шпанското првенство. Со оваа победа Реал како лидер ќе влезе на Ел класико кое ќе се игра следното коло во Мадрид.
Хетафе беше цврст ривал и одолеваше на големиот фаворит до 80-тата минута, кога Килијан Мбапе го постигна голот кој на крајот се покажа како решавачки за освојување на трите бода.
Неполни две минути пред да биде постигнат голот, Хетафе остана со фудбалер помалку. Дефанзивецот Алан Ниом, кој во игра влезе во 76-тата минута, само 37 секунди подоцна доби црвен картон.
Ниом без топка стартуваше директно врз Винисиус јуниор, а судијата Мунуера веднаш му покажа црвен картон. Ова исклучување само по 37 секунди откако влезе во игра е можеби најбрзодобиениот црвен картон во шпанското првенство.