Новак Ѓоковиќ и Тејлор Фриц во полноќен термин според европската часовна зона ќе играат меѓу себе во борба за пласман во полуфиналето на Отвореното првенство на САД.
Ѓоковиќ ја има улогата на фаворит, а тоа го потврдува и традицијата. Овие два тенисери играле десетпати и секогаш победувал Србинот. Фриц знае дека се наоѓа во незавидна ситуација, но не губи надеж дека конечно може да ја прекине оваа очајна низа во дуелите со најдобриот според бројот на освоени гранслем-трофеи.
„Не размислувам сега за сите порази кои ги имам претрпено од Новак. На поголем дел од тие мечеви не бев на нивото на играта која ја имам сега. Последен пат игравме на Завршниот турнир во Шангај. Тогаш сервирав за сет, имав сет топка, но кога играте против најдобрите, едноставно во најважните моменти ги казнуваат сите најмали грешки“, вели Фриц, кој во десетте порази од Ѓоковиќ има освоено само три сета.
Американецот не смета дека аурата на Ѓоковиќ полека згаснува.
„Не би рекол дека аурата на Ѓоковиќ се истрошила. Тој ги држи речиси сите рекорди во тенисот и тоа никогаш нема да се промени. Сега има некои момци кои можат да го победат, но и понатаму Новак игра многу добар тенис, посебно на граслем-турнирите. Сепак, и јас многу имам напредувано и морам да имам верба дека можам да победам. Мислам дека сум на потребното ниво за да победам“, оптимистички заврши Фриц.