Во Аргентина владее невидена еуфорија за албумот на „Панини“, сликичките со ликот на Меси се продаваат само на црно

Аргентинската влада мораше да интервенира и да посредува меѓу локалните продавачи и „Панини“, компанија што ги произведува албумите и сликичките за претстојното Светско првенство во Катар, поради малиот број на сликички со ликот на најголемата ѕвезда на „гаучосите“, Лионел Меси.

Аргентинците кои со часови чекаат пред киосците за да купат пакетчиња со сликички, се жалат дека нема доволно пакетчиња, а во исто време цените на црно рушат рекорди.

Сликичката со ликот на Лионел Меси е ретка, па во Аргентина на интернет се продава за околу 300 евра. За таа цена може да се купат 300 пакетчиња со сликички на киосците во Аргентина.

„Никогаш не сум видел вакво нешто. Почнав со 2.000 пакувања и сите ги продадов за само еден ден. Потоа луѓето станаа агресивни и насилни“, рече Хуан Варгас, сопственик на киоск во Буенос Аирес.

Варгас вели дека откако ги добил пакувањата со сликички, се соочува со неочекувано голема побарувачка. Лутите купувачи дури сакале да му го искршат локалот кога им рекол дека нема повеќе пакувања со сликички.

„На тој киоск ни даваа лист со реден број“, рече, Хулијан Рамирес кој во средата од шест часот наутро чекал пред продавницата за да купи пакувања со сликички.

Продажбата на албумите на „Панини“ за СП во Катар е за 42 отсто поголема во однос на претходниот Мундијал во Русија. Причина за зголемениот интерес за собирањето на сликички е неодамнешната изјава на Лионел Меси дека Мундијалот во Катар ќе му биде последен во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести