Астон вила и Шефилд јунајтед одиграа нерешено 1:1 во меч од 18 коло на Премиер лигата. Домаќините кои во претходните две средби на свој терен ги победија Арсенал и Манчестер сити, сега играа против последниот на табелата и очекуваа лесен триумф, но не беше така.
Шефилд јунајтед се покажа како опасен ривал, дури и прв даде гол, а домаќините се спасија од пораз со погодок во 90+6 минута. На крајот, со ремито, Астон вила ја заврши најуспешната низа пред своите навивачи од 15 победи по ред, а тимот од Бирмингем пропушти можност за прв пат по 25 години да биде лидер во Премиер лигата, сметајќи да се одиграат барем 18 кола. Последен пат Астон вила биле лидери по барем 18 одиграни кола, во јануари 1999 година.
Како еден од најголемите виновници за киксот на Астон вила и неуспехот да се освојат трите бода некои го посочуваат судијата Ентони Тејлор и неговите помошници. Како спорни ситуации на штета на Астон вила се наведуваат два моменти. Во 11 минута Соуса со раце го отурна Воткинс но од ВАР собата проценија дека нема елементи за пенал. Судиите се јавија со реакција во 59 минута кога Астон вила даде гол, но беше поништен поради претходен фаул врз гостинскиот голман, иако повторената снимка не уверува дека имало такво нешто.
„На почетокот од мечот бевме многу возбудени. Знаевме дека Шефилд е опасен ривал. Кога ни беше поништен голот настана фрустрација во нашите редови. Мора да сфатиме дека треба да ја прифатиме секоја судиска одлука, без разлика колку таа не е во наша корист. Во последните 20 минути ја загубивме контролата. Фрустрирани сме затоа што сакавме три бода, но мора да признаеме дека и Шефилд добро се бранеше“, вели тренерот на Астон вила, Унаи Емери.